Girls in ICT day

ПРВ ДЕН НА ДЕВОЈКИТЕ ВО ИКТ

На 26-ти април, 109 девојки, ученички во втора и трета година од 8 средни училишта во Скопје, придружувани од нивните професори, зедоа учество во првото одбележување на меѓународниот „Ден на девојките во ИКТ“ во Република Македонија. Девојките беа обрани од страна на професорите, врз база на нивните резултати, успеси и интерес во предмети како информатика, математика и природни науки.

Настанот започна со конференција на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, каде што на девојките им беше дадена можноста да се почувствуваат како студенти. Конференцијата со воведно излагање ја отвори заменик министерката за информатичко општество и администрација во Владата на Република Македонија, Марта Арсовска Томовска.

- Информатичките и комуникациските технологии претставуваат одлична можност за успешна кариера за жените, посочи заменик министерката. Четвртиот четврток од четвртиот месец во годината е денот кога ја славиме женската креативност и женскиот талент и ја вреднуваме важноста на придонесот на жените за подобра иднина во светот.

Заменик министерката додаде дека Владата, особено Министерството за информатичко општество и администрација го овозможуваат патот на младите кон нови перспективи во животот.

Покрај заменик министерката, на конференцијата свој придонес дадоа Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, д-р Димитар Трајанов, државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елизабета Тодоровска, професор Сања Велевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Анита Никова, извршен директор на МАСИТ и Валентина Тасева, генерален директор на Семос едукација, додека модератор на настанот беше проф. Соња Филипоска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.

На конференцијата беше истакнат фактот дека согласно статистиките на Министерството за образование и наука, во актуелната академска година, на сите јавни и приватни универзитети во Република Македонија, запишани се вкупно 6615 студенти, од кои 73% се момчиња, додека само 27% се девојки.

Анализи од доменот на високото образование во областа на информатичките технологии во Македонија покажуваат дека женските студенти се одбираат повеќе интередисциплинарни предмети, постигнуваат подобар успех и добиваат подобри оценки. На прашањето зошто одбрале ИТ студии, женските студенти одговараат дека главни фактори за ваквиот избор се: можноста да се открие или создаде нешто ново, да се комбинираат различните сфери на интерес од различни научни домени, потребите на пазарот на труд, како и идните перспективи.

Една сесија од конференцијата беше посветена на промоција на порталот http://www.girlsinict.mk/, дизајниран да ги охрабри девојките да преземат кариери во ИКТ секторот, а воедно, содржи фото и видео материјалите од одржаниот настан.

Сите присутни се согласија дека важноста на интернетот и информатичките технологии не се состои во фактот дека тие се користат само за забава, туку дека истите се извор од кој можат да се научат доста корисни и практични нешта, како на пример: подобрување на комуникацијата, пронаоѓање вредни информации, стекнување знаење, но исто така и за е-бизнис, е-трговија и е-владини услуги.

По конференцијата, девојките беа поделени во 8 групи, за кои 8 водечки ИТ компании во Македонија ги отворија своите врати. Секоја група ги посети: Ериксон, T-home и T-mobile Македонија, Ултра, Семос Едукација, Сивус, Асеко СЕЕ и Нетцетера.

Во секоја од компаниите кои ги посетија, девојките научија за важноста на новите технологии. Тие видоа како работат девелоперите, како веб-дизајнерите креираат, како систем-администраторите ги одржуваат мрежите и серверите, а како пак специјалистите за продажба ги промовираат новите ИКТ производи и услуги на корисниците. Девојките учеа за процедурите, бенефитите и предизвиците на ваквите работни места, какво е чувството да се биде жена вработена во сектор во кој мажите владеат, како и фактот дека сè повеќе жени стануваат лидери во овој бизнис.

Покрај тоа, девојките осознаа дека 46% од ИКТ компаниите во Република Македонија вработуваат повеќе од 5 мажи годишно. Само 28% од нив вработуваат помеѓу 1 и 5 жени годишно. Тоа значи дека на годишно ниво, компаниите вработуваат двојно повеќе мажи, отколку жени. Од друга страна пак, од лицата кои на годишно ниво ги напуштаат своите работни места, во 70% од случаите се мажи, додека пак жените се поконстантни, односно дури 83% од нив, воопшто не размислуваат да го напуштат своето работно место.

Жените на работни позиции како генерални директори, инженери, менаџери на односи со јавност, адвокати и слично, разговараа со девојките кои ги посетија компаниите. Тие им прокажаа како е да се работи во овој домен, им ги покажаа канцелариите, call – центрите, и секако, ги советуваа кој е начинот да се напредува во кариерата.

Жените на менаџерски позиции се сложија да бидат ментори на групите девојки кои им беа гости во компаниите. Тие ќе им помагаат со совети додека девојките се на факултет, како и подоцна, кога треба да одберат насока за професионална кариера. Ова несомнено ќе им биде од значење на девојките во нивниот процес на истражување на можностите кои ИКТ ги нуди.

Со овој настан, девојките беа дел од еден доста интересен и нов свет, кој истовремено е возбудлив и со многу предизвици. Се работи за брзо растечки и динамичен свет на технологија кој сите нас нè стреми постојано да учење.

Не се потреби никакви физички предиспозиции за да се биде дел од ИКТ секторот. ИКТ секторот е заснован на интелектуални проекти со високо ниво на иновација и истражувачки процеси, па следствено на тоа, знаењето е она што е потребно.

Искрено се надеваме дека со овој настан успеавме барем малку да придонесеме во градењето идни успеси на младите генерации, како и да ги мотивираме за нови.

ОРГАНИЗАТОРИ