Со огромно задоволство ја поддржуваме иницијативата на Обединетите Нации и морам да признам дека истата насекаде беше прифатена со воодушевување. Една нова енергија, свежина, нова перспектива, буквално од цела Македонија се јавуваат наставници, професори, ученици и родители и бараат да се вклучат.
Да се работи, твори и згора на се да се биде успешен во светот кој не толку одамна важеше за свет на мажите, навистина е предизвик за една жена. Со зголеменото учество на жените во ИКТ индустријата, се разбива стереотипот за веќе однапред дефинираните “машки” професии. Во една динамична, креативна, иновативна и темпераментна област, како што е ИКТ индустријата, вештините што по дефиниција ги поседува една жена доѓаат до израз.
Мојот предизвик во ИКТ беше одраз на мојот нескротлив дух, во можноста за истражување, креирање, импулс за постојано усовршување, како за себе, така и за светот кој не опкружува, создавајќи неограничени можности во новото дигитално време.
ICT светот е свет на нови технологии, на постојано движење. Убаво е да се работи и живее со овие предизвици на новото време.
Да се биде дел од светот на ICT е огромно задоволство и предизвик. Предизвик е секојдневно да се соочуваш со иновации, секојдневно да учиш нешто ново, да соработуваш и комуницираш со луѓе практично од целиот свет. Задоволството е уште поголемо и поради чувството дека со својата работа можеш да придонесеш за личниот напредок на граѓаните и за развојот на својата земја.
Живеeме во општество базирано на знаење. Исто така, го поздравуваме новиот милениум, во кој мора да се соочиме со широките предизвици кој тој ги носи. Овој милениум, секако, ќе и припадне на ИТ индустријата. ИТ индустријата брзо расте, ИТ компаниите брзо се движат, динамиката е се поголема, постојаните промени се неминовни. Овој бум во индустријата веќе им донесе на ИТ компаниите низа сериозни предизвици со кои треба да се соочат.
Како да се постават процесите кои требат да биде во корелација со ИТ револуција? Како да се изгради стратегија да се натпреварува со светската глобализација, со дисперзијата на тимовите? Ова веројатно е најголемиот основен предизвик за еден менаџер во ИТ индустријатa. ИТ компаниите мора да биде креативни, иновативни и постојано во тек со новите знаења. Сето тоа може да се постигне преку човечкиот капитал, преку нивната проактивност, знаење, усовршување во работата и желбата за успех. Тоа ќе го одреди успехот на компанијата и ќе го води бизнисот напред.
Технологијата и информатиката наоѓаат сè поголема примена не само во сите научни области, туку се неизбежен дел и од нашето секојдневие. Можностите за наука и развој кои ги нуди ИКТ се безбројни:софтверско инженерство, компјутерска графика, бази на податоци, вештачка интелигенција, биоинформатика и многу други. Предрасудите кои постојат за оваа т.н „машка”професија не смее да се пречка за девојките кои имаат желба да бидат дел од ИКТ заедницата. Напротив, треба да се само поттик и мотив да го покажат и истакнат своето знаење и да придонесат за развој на областа во која тие најмногу ќе се пронајдат.
На ИКТ заедницата ѝ се потребни девојки кои со својата креативност, мотивираност, динамичност и способност за мултитаскинг, не само што ќе учествуваат, но и активно ќе водат компании, проекти, студенти и ќе го пренесуваат своето знаење и идеи.
Јас, како дел од ИКТ светот, во својата професија пронајдов секојдневно исполнување, надградување и мотивација за решавање на предизвиците од оваа област. Се надевам дека многу девојки исто така ќе ја пронајдат својата реализација во ИКТ светот.
Динамична работа, константно стекнување на нови знаења и допир со најновите достигнувања во индустријата, самата индустрија те турка да одиш напред, да осознаваш повеќе... Работа во опуштена атмосфера, работа во тимови преку што учиш и од колегите и се здобиваш со нови професионални и човечки вештини... Голема побарувачка на квалитетен кадар и можност за брзо вработување... Работата во индустрија каде мнозинството се мажи дава можност да го искомбинираш и совладаш најдоброто од двата света.
Одбрав ИТ без големи предзнаења во областа и без сугестии, со мотив да научам повеќе за компјутерската технологија и информатиката. После десет години професионална кариера, продолжувам во ИТ, затоа што навистина го сакам тоа што го работам и особено ги почитувам луѓето со кои соработувам.
Развојот на софтверски апликации наметнува многу предизвици, бара огромна посветеност, креативни решенија и брзи одлуки. Неопходна е непосредна, интензивна тимска соработка и меѓусебна доверба. Работењето на ИТ проект е процес на континуирано секојдневно учење, надоградување, лично и професионално усовршување.
ИТ е повеќе од професија; тоа е стил на живеење.
ИКТ технологијата сама по себе е креативна, моќна, инспиративна и со брз развој. Токму така и те прави да се чувствуваш. Имајќи претходно искуство во образование, но и во производствениот сектор, чувството да се биде дел од „машката“ технологија е супер. Различно е од сите други работни организации, но исто така е опуштено, флексибилно, нуди можност за истакнување на креативноста, но и можност за постојано учење и надоградување. Работењето во ИКТ компанија значи допир со сé она што е најново и најактуелно.
Многу лесно може да ги набројам бројните предности на мојот избор како инженер да се вклучам во ИКТ светот. Сакам предизвици, нови работи и подобар живот. Затоа, наместо како пасивен набљудувач, одлучив активно да се вклучам во процесот на подобрување на светот преку едукација на ИКТ кадар. Мојата улога на професор не се базира само на пренесување на знаење, туку и на постојана надградба на истото преку следење на секојдневните новитети од ИКТ индустријата, учество на интернационални конференции, работа на меѓународни проекти, учество во форуми и постојана дискусија со тековните и потенцијалните ИКТ кадри. Токму интернационалниот интерес за постигнатите резултати од инженерскиот пристап кон имплементацијата на стекнатото знаење ме охрабрува и потикнува и натаму да се обидувам да го оставам својот белег во ИКТ индустријата.
Без разлика дали жена или маж, да се биде во светот на ИКТ значи пред се да се размислува прогресивно, да се превземе одговорност за сопствените чекори, како и на чекорите на тимот, но и да се биде секогаш подготвен за промени. Визијата за подобро, поуспешно и понапредно е нешто што мора да се поседува и секојдневно да се живее, во спротивно времето и пазарот ќе ја намалат вредноста на она што го работиме.
Потпирајќи се на моето искуство во оваа сфера, можам да кажам дека секојдневно ја имам честа да работам со девојки кои се многу добри и успешни програмери, веб дизајнери и онлајн маркетинг специјалисти. Нашата уникатна женска карактеристика за мултитаскинг, нè прави подобри од мажите и ни дава можност за работа и развивање во многу различни сфери и проекти.
Затоа, не треба да се плашите да ги покажете своите ИКТ знаења и способности и да зачекорите во светот на ИКТ, рамо до рамо со претставниците на посилниот пол.
Да се биде жена во ИКТ, значи:
И на крај на се’, значи огромна доза на задоволство бидејки ИKТ преставува врвна технологијата која всушност го движи светот.
Пред многу години беше предизвик да се влезе во “машкиот” свет на IT, денес е тешко да го водите овој сектор без девојки во него.
Денешната дигитална и мултимедијална перцепција на светот го направи ИКТ полето привлечно и за луѓе кои порано не се гледаа себеси низ призмата на технологијата и инженерството. Овие промени им отворија на жените нови можности кои ги поттикнаа да ги надминат дискриминациите на поранешните генерации. Женското учество во ИТ индустријата воведува поголема динамичност, иновативност и свежи идеи. ИКТ жената на денешнината ја докажува еднаквоста на половите и претставува пример за успешна професионална приказна. И не само тоа, таа станува докажано потребна на ИТ раководните позиции, и неопходен член на научно-истражувачките ИКТ водечки проекти.
Да си жена во ИКТ светот е привилегија и задоволство. Доколку погледот кон ИКТ индустријата е сеопфатен, лесно ќе се увидат безбројните работни позиции кои постојат како можност. ИКТ индустријата е хоризонтала која помага, поддржува и придонесува во ефективното работење на многу вертикални индустрии. Програмери, аналитичари, веб дизајнери, експерти за електронски маркетинг се само краток дел од листата на ИКТ профили и позиции.
Динамичниот карактер на жените и нивната способност за мултитаскинг, во најбрзо движечката индустрија во светот е уникатна дополнителна вредност која може да придонесе за уште поголем раст на истата.
Прифатете го предизвикот и станете дел од индустријата во која најбрзо можете да најдете работа!
На високообразовните установи во Република Македонија на студиските програми од полето на информатичките науки и компјутерски технологии тековно студираат вкупно 6620 студенти. Од нив околу 73% се машки, а 27% женски што е показател дека ова сè уште се смета за претежно машка професија. На потег се девојките кои треба да докажат дека тоа е предрасуда која треба да ја срушат.
Прв пример за тоа треба да им бидат професорките кои се меѓународно признати и ценети научници и стручњаци во својата област и нивниот број на факултетите не е така мал. Повеќето од нив по обичај се и носители на важни функции на универзитетите и раководители на проекти, а не ретко од нивните колеги се разликуваат само по дизајнот на компјутерот кој сведочи за женската сензибилност.