Република Македонија и оваа година се придружи кон одбележувањето на Меѓународниот "Ден на девојките во технологијата 2013" (Girls in ICT 2013), како иницијатива поддржана од Обединетите Нации и Меѓународната телекомуникациска унија.
Во рамките на кампањата "На технологијата ѝ се потребни девојки", четвртиот четврток од четвртиот месец во годината беше проследен со низа активности во земјите ширум светот: Колумбија, Швајцарија, Австрија, Грција, Сенегал, Кенија, Нигерија, Руанда, Јужна Африка, Уганда, Непал, Португалија, Перу, како и Индија, Кореа итн.
По тој повод, на 8 мај 2013 година, во амфитеатарот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје, со почеток во 12 часот, се одржа настан на кој учество земаа претставници од јавниот и политичкиот живот во земјата, а се направи и преглед на проектните активности во рамките на кампањата.
На одбележувањето на меѓународниот Ден на девојките, се доделија награди и благодарници за учесниците во проектите.