Girls in ICT day

Ден на девојките во технологијата

Што претставува Ден на девојките во ИКТ?

Тоа е ден кога девојките ќе се запознаат со можностите за образование и кариера во областа на Информатичко Комуникациските Технологии. Меѓународниот ден на девојките во ИКТ има за цел да ги доближи Информатичко Комуникациските Технологии на девојките, да им ги претстави работните места во овој сектор, како и да ги поттикне и охрабри да изберат кариера и да се занимаваат со оваа професија.

Во октомври 2010 година, на конференција помеѓу членките на Меѓународната телекомуникациска заедница (International Telecommunication Union – ITU) одржана во Гвадалахара, беа усвоени амандманите на Резолуцијата 70 која ги третира женските прашања, а воедно беше одлучено секој четврти четврток во четвртиот месец од годината да се одбележува Меѓународниот ден на девојките во ИКТ.

Што вклучува настанот Денот на девојките во ИКТ?

Индустријата за Информатичко Комуникациски Технологии е несомнено една од најбрзо растечките индустриии и претставува пазар на кој побарувачката на работната сила е во континуиран пораст. ИКТ секторот дава сè поголема можност за вработување и има клучна улога во поттикнувањето на развојот на една држава. Анализите покажуваат дека во следните 10-тина години светот ќе се соочи со сериозен дефицит на информатички кадар. Бидејќи застапеноста на жените на светско ниво во оваа професија е ниска, т.е 20% наспроти 80% за мажите, целта на настанот е да се приближат предностите на информатичко - комуникациските технологии на девојките, да се разбие митот дека технологијата, особено информатиката е машка професија, како и да се поттикнат самите девојки да размислуваат за кариера во овој домен.

Активностите во рамките на оваа кампања ќе стимулираат подигање на свеста помеѓу младата популација, особено помеѓу генерациите кои посетуваат средно образование, да го продолжат своето образование на факултетите на кои се изучуваат информатичко - комуникациските технологии. Поттикнувајќи повеќе припаднички на понежниот пол да се запишуваат на ИКТ факултетите, ќе се овозможи рамнотежа на застапеноста помеѓу двата пола, но она што е најважно, ќе се зголеми вкупниот број на работна сила од ИКТ областа во Република Македонија.

Воедно, ова е одлична прилика девојките да се запознаат со сите области од ИКТ во кои би можеле да се образуваат, а воедно и да најдат инспирација во примерот на успешни жени.

Зошто е потребно да се ангажираат повеќе жени?

Најважната одредница за конкурентноста на една земја е човечкиот капитал и талент – знаењето, образованието и продуктивноста на нејзината работна сила. Жените претставуваат една половина од потенцијалната база на таленти во целиот свет. Затоа, намалувањето на расцепот не е само прашање на човековите права на еднаквост, тоа е и прашање на ефикасноста и економската продуктивност.

ОРГАНИЗАТОРИ