Оваа година, Македонија го одбележа меѓународниот „Ден на девојките во ИКТ“ на 8 мај. 120 ученички од 10 средни училишта, придружувани од нивните професорки, зедоа учество во овогодинешната прослава. Девојките беа одбрани од страна на професорките, врз основа на нивните резултати, учинок и интерес во преметите информатика, програмирање, компјутерски дизајн, математика и слично.
Како и минатата година, така и оваа, настанот се одржа во амфитеатарот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје, каде ученичките почувствуваа како е да се биде универзитетски студент.
Под модераторство на Анита Никова, извршен директор на МАСИТ, конференцијата започна со добредојде од Деканот на ФИНКИ, проф. д-р Димитар Трајанов. Тој посочи интересен факт: девојките студентки на ФИНКИ, имаат повисок просек од момците.
Со цел да ја доближиме до поширока публика девојки, охрабрувачката порака која зборува за избор и можности за кариера во ИТ, видео пораката од Генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска унија, д-р Хамадун Туре, ја синхронизиравме на македонски јазик и истата беше емитувана на настанот.
Инспирирана од фактот како ИКТ ги збогатуваат нашите животи, правејќи ги поудобни и поврзувајќи ги луѓето низ целиот свет од секое место и во секое време, во своето воведно обраќање на настанот, заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, потенцираше дека ИТ професијата не само машка професија.
Како главен иницијатор на кампањата „На технологијата ѝ се потребни девојки“ во Република Македонија, и со огромно менаџерско искуство во приватниот ИП сектор, Арсовска Томовска им ја доближи фасцинантната област на ИКТ до присутните девојки.
Таа појасни дека информатиката е хоризонтална наука која може да се искомбинира со повеќе науки кон кои девојките имаат афинитети. Информатиката нуди сигурно работно место, висока плата, добри услови за работа, голема креативност и тоа е многу важно за секој млад човек. Истовремено, заменик министерката потсети дека во светот, само 20% се жени информатичари, или на пет инженери, една е жена.
ИКТ индустријата е заснована на проекти со многу иновативност и истражувачки процеси. Од пионерите кои станаа револуционери во ИКТ, преку видеото на “code.org”, девојките научија дека не треба да си гениј за да програмираш.
Многуте активности во рамките на оваа кампања не беа сконцентрирани исклучиво на овој ден. Ирена Поповиќ, член на Управниот одбор на иницијативата „Девојките во технологијата“ во Република Македонија, и менаџер во секторот за креативност во ИТ компанијата „Некстсенсе“, образложи како 9 девојки од неколку средни училишта, работеа на реални проекти. Поделени во два тима, тие беа ангажирани во изградба на интернет страница за клиент – стоматолошка ординација, како и за промовирање на кампањата преку социјалните мрежи Фејсбук и Твитер . Нивниот труд беше забележан и награден од страна на Едукативниот центар Александрија. Вредни се инвестициите во образованието, особено во областа на информатичките технологии.
Но не беа наградени само ученички од средните училишта. Врз основа на посветеноста, успехот, високиот просек и вклучувањето во научни активности, Деканатот на ФИНКИ, одбра три свои студентки кои ќе се специјализираат преку обуки во Даталаб.
Министерството за информатичко општество и администрација оваа година одлучи да додели благодарници на сите учесници кои го поддржаа првиот „Ден на девојките во ИКТ“ 2012 во Република Македонија. Се надеваме дека ова ќе придонесе за иден успех и мотивација. Водено, што повеќе инволвирани, тоа е поголем ефектот.
Конференцијата заврши со лотарија на која дополнително беа доделени награди овозможени од Македонски Телеком и Т-мобиле Македонија.
Потоа, предводени од доц. д-р Соња Филипоска, девојките ја посетија „smart училницата на 21-виот век“ на ФИНКИ, каде се забавуваа и уживаа натпреварувајќи се во танцување на Xbox Kinect. Девојката со освоени највисок број поени на натпреварот, доби награда за обука во доменот на ИКТ.
Искрено се надеваме дека успеавме да им овозможиме на девојките еден интересен и нов свет, кој истовремено е возбудлив и полн предизвици. Информатичко – комуникациските технологии, како рапидно динамични и брзо растечки, нè стимулираат постојано и со задоволство да учиме.
Организирање на „Ден на девојките во ИКТ“ е еден од чекорите кој владите, индустријата и општеството можат да го преземат во поттикнување на младите девојки да одберат ИТ професијата како своја идна кариера.